Friday, July 6, 2018

Животот и творештвото на маестро Александар Џамбазов


Семинарска работа по предметот Историја на македонската популарна музика

           Mентор:                                                                                        Изработил:
проф. д-р Јулијана Папазова                                                             Пеце Климоски


Александар Џамбазов


Александар Џамбазов потекнува од музикално семејство, односно неговиот талент го наследува не само од неговиот татко туку и од неговата тетка која му пеела песни како мал. Роден е во селото Стапар, на 3.2.1936 година, на поднебјето на пространа Војводина. Детството го поминува во Штип и во Скопје, каде што доаѓа во контакт со богатиот национален мелос. Тој мелос остава видни траги во неговите музички дела. Односно пораснат е во средина во која свирењето и пеењето се традиција и каде што песната е составен дел на секојдневниот живот. Џамбазов го добива своето прво музичко образование во Штип, кај музичкиот педагог Сергеј Михајлов. Љубовта кон музиката го одведува во Средното музичко училиште во Скопје, а по завршувањето на школата се запишува на Музичката академија во Белград 1956 година, каде и дипломира на наставно-теоретскиот оддел, во класата на професорот Марко Тајчевиќ. Најголемите виновници за успехот на Џамбазов се  култниот филм Бал на Вода и Драган Ѓаконовски Шпато. На 17 години свири гитара во оркестарон на Шпато. Тогаш во 1953 г., ја пишува и неговата првата  композиција на која Шпато направил мали корекции и се потпишал „Поправио Драган Ѓаконовски Шпато”.

Во 1960 година уште како студент испраќа композиција на фестивалот „Опатија“. Тоа било „Југословенско Сан Ремо“. Во конкуренција од 402 композиции ја примаат неговата „Песма повратка“ изведена т.е песната ја пеела Габи Новак. След­на­та го­ди­на Џам­ба­зов додека е во ЈНА ис­пра­тил две ком­по­зи­ции на кон­кур­сот во „Опа­ти­ја“, две­те му ги при­ми­ле. Во 1962 го­ди­на, сe уште во вој­ска, бил пре­фр­лен во Вра­ње, ис­пра­тил три ком­по­зи­ции, и три­те му ги при­ми­ле.
 По завршувањето на Музичката академија во Белград, работниот век го минува во Македонската радио телевизија како диригент на танцовиот и на ревискиот оркестар. Неговиот главен творечки опус го сочинуваат композиции од забавниот жанр, пишување во стилот на Џорџ Гершвин и Кол Портер, а мелодиката и ритмиката ги содржат богатите звучни колорити на македонскиот национален мелос. Опфаќајќи широка скала разновидни комбинации и потенцирајќи ги фолклорните елементи Џамбазов најавува специфичен стил на музичко изразување и создава поголем број разновидни композиции кои звучат инвентивно, и во форма на популарни шлагери, и во форма на поголеми композиции, како што му е успешната Рапсодија за Скопје за  пијано и симфониски оркестар создадена во 1966 година. Џамбазов започнува да ја пишува како Рапсодија за Охрид во 1957 г.

 Во Охрид е напревена првата скица на нотна тетратка па потоа после одреден период  ја трга на страна па се навраќа подоцна и ја трансформира во Рапсодија за Скопје посветена за градот Скопје поради катастрофалниот земјотрес кој се случува 1963 година и тоа е една од клучните причини зошто е преименува во Рапсодија за Скопје.
Прва тема на Рапсодија за Скопје:

  За оваа композиција има добиено награда на меѓународниот конкурс во Италија - Кава де Тирени за композиции од областа на симфониски-џез и во кон­ку­рен­ци­ја на 78 композиции ја освоил третата награда. Во оваа дело, Џамбазов се стремел да креира добро дело кое следејќи ги вообичаените патишта на симфонизираниот џез на Гершвин и на неговите следбеници, ќе го понесе во своето музичко ткиво и колоритот на нашето поднебје и ритмичкото богатство на македонската народна песна. Рапсодијата содржи вовед и седум контрастни теми, логично поврзани во целина. Меѓу нив се изменуваат асиметрични ритмички комбинации во ритмот на свингот, секогаш со мошне истакната солистичка партија на пијаното.
Неговиот творечки опус е многу богат. Автор е на голем број на популарни композиции и детски песни. Иницијатор и долгогодишен диригент беше на фестивалот за деца, „Златно славејче“ во Скопје основан во 1971 г.. Пишувал сценска музика и филмска музика (Мементо, Мајка, Двајца на нишалка итн.) и повеќе дела од класичната музика, Седум танцови варијации - за пијано и оркестар (1977), Месечева љубов за глас и пијано и др. Компонирал и хорски композиции, популарни маршови и младински масовни песни, за кои добива поголем број награди на конкурси.

Свинг делот на Рапсодија за Скопје:

Ќе ги обележиме и Седумте танцови варијации за пијано и оркестар од Џамбазов. Првиот дел на темата од овие варијации е допадлива дијатонска мелодија, која во својот натамошен тек модулира низ неколку тоналитети, врајќајќи се одново на почетниот тоналитет. Иако мошне едноставна, оваа тема дава можност за занимливо хармонско обликување. Во ова дело се искористени разновидни начини на работа. Така на пример во една од нив се употребува ритмички комбинации во неправилен метар, во друга се чувствува ритамот и карактерот на менуетот, потоа на валцерот итн., до последната варијација, која по карактер е впечатлива и маестозна. Пијаното и овде доаѓа до израз како солистички инструмент. Секоја варијација е одделна креација, која дејствува контрастно во однос на соседните музички пиеси, не преземајќи врз себе улога на алка во изградувањето на единствена архитектоника на целиот циклус.
            Со посебна смисла за доделување на поетска, едукативна содржина, композиторот пишува песни за деца како што се Еј гу­ла­би, гу­ла­би бе­ли,

За си­те де­ца, Пес­на за Скоп­је, Мо­ја­та учи­тел­ка и многу други.
Исто така, важно е да се спомене дека најголемиот дел од неговите популарни фестивалски композиции биле во дурски тоналитет а една од ретките  во молски тоналитет е песната Детство:

Како диригент и раководител на Танцовиот оркестар на Радио-телевизија Скопје поминува 37 години од неговиот работен век каде што вели благодарение на  иск­лу­чи­тел­на­та лич­ност на Дра­ган Ѓа­ко­нов­скиШпа­то, како и на по­ја­ва­та на култ­ни­те фил­мо­ви Бал на во­да, а по­доц­на на Мом­че­то со тру­ба. Во 1961 г., Џамбазов е дел од формирањето на биг-бендот од кој на почетокот од тројца музичари кои биле примени двајца не знаеле ноти. Танцовиот оркестар маестро Џамбазов го води до 2001 година до неговото пензионирање. Како пропагатор и изведувач на домашниот забавен репертоар, покажува видно залагање и во организирањето на разновидни музичко забавни манифестации. Тој бил секретар на Управниот одбор на Друштвото на композиторите на Македонија, а за музичко творештвото, на разни конкурси има освоено повеќе награди во земјата и во странство. Неговиот опус е многу голем и е многу плоден македонски композитор. Зад не­го­во­то име стојат за­пи­ша­ни по­ве­ќе од 1.450 студи­ски за­пи­си, дет­ски пес­ни, шла­ге­ри или забавни композиции, пес­ни за ор­ке­стар, му­зи­ка за филм и за театар. Бе­ше ди­ри­гент на пос­лед­на­та Евро­ви­зи­ја со ор­ке­стар, ко­га Ма­ке­до­ни­ја ја прет­ста­ву­ва­ше Вла­до Ја­нев­ски. Во чест на неговиот 80-ти роденден во организација на СОКОМ во 2016 г., беше одржан концерт со Македонската филхармонија, диригентот Саша Николовски-Ѓумар и повеќе солисти, а беше промовирана и монографијата за маестро Маестро Александар Џамбазов. Живот низ сеќавања, афоризми, сентенции од Ј. Папазова и Е. Новаковска.
______________________________________________________________


Литература:
Ортаков, Бојан. Александар Џамбазов. Живот и дело. Семинарска работа. Универзитет „Св.Кирил и Методиј“-Факултет за музичка уметност, Скопје, 1984
Папазова Јулијана, Новаковска Елени. 2016. Маестро Александар Џамбазов. Живот низ сеќавања, афоризми, сентенции. Скопје: ЦЕМ
https://mk.wikipedia.org/wiki/%D0%90%D0%BB%D0%B5%D0%BA%D1%81%D0%B0%D0%BD%D0%B4%D0%B0%D1%80_%D0%8F%D0%B0%D0%BC%D0%B1%D0%B0%D0%B7%D0%BE%D0%B2
https://www.mkd.mk/kultura/muzika/zhivotot-i-deloto-na-aleksandar-dzhambazov-dobija-traen-zapis-vo-monografsko-izdanie

Blla Blla Blla…


Семинарска работа по предметот
Историја на македонската популарна музика

    Изработила:                                                                                                   Ментор:
  Нора Бајрами                                                                                         Јулијана Папазова



Основач и моторна сила на бендот Blla Blla Blla е Идриз Амети, кој како тинејџер бил дел од бендот Wunder Kind. Идриз Амети бил член, вокалист и  на Last Expedition, кој го напушта бендот, есента 1987 година. Преку идејата за бенд на маалските другари, Идриз е решен да направи свој состав кој во потполност ќе ги рефлектира неговите идеи за рокенрол-бенд. Оваа одлука ќе доведе до создавање на уште еден значаен бенд на македонската сцена, кој за свое постојано место на живеење и на творење ја има населбата Ѓорче Петров, или поточно улицата „4 Јули“.
    Првата постава на бендот ја сочинувале Идриз Амети како вокал, Амир Сијариќ на бас и Гоце Гогов-Хипо на тапани. Првото име на новиот бенд, бил Mbretëresha Teuta (Кралица Теута), кое не било прифатено од организаторите на групната свирка одржана во 1988 г., во гимназијата „Зеф Љуш Марку“, каде учествувале и Арена и Saygon, па на самиот настан, само за да настапат, Идриз го креира името што трае до денешен ден, Blla Blla Blla…

            Во првиот период од постоењето на бендот, неговите членови не се многу активни, и најчесто имаат маалски свирки и дружења на пробите во гаражи. Во средината на 1989 година, случајно ќе забележат оглас во едно списание што се однесувал на словенечкиот фестивал за рок бендови, „Novi Rock 9000“. Ќе се пријават и ќе настапуват во натпреварувачкиот дел на овој фестивал, на 14.9.1990 година. Освен Идриз, составот на бендот често се менувала, па новите членови на бендот за овој настап се Димитар Петров на тапани, Тефик Ибрахими на бас и Мухамед Ибрахими на гитара. На концертот ќе бидат забележани од агилната независна издавачка куќа од Марибор, „Front Rock“, која ќе му понуди на бендот издавање на EP со четири песни. Кратко по враќањето од Љубљана, на почетокот од 1991 г., неговите членови ќе ги снимат и првите демо-снимки за две песни, Kush kish thanë и Lufta psiqike, во студиото „Роса“ на Роберт Саздов. Овие снимки денес се изгубени, исто како и следните 4 што наменски ги снимаат за EP-то и кои ги испраќаат во Марибор. Но за жал, таа година започнуваат немирите во Југославија и договорот пропаѓа.
            Првото концертно појавување на бендот по еден подолг период на резигнација од целокупната милитаризирана ситуација, е на фестивалот „Stop The Madness“, одржан во МКЦ на 30.10.1993 г. По овој концерт, следува еден подолг период во кој бендот ќе биде активен, стекнувајќи вистински култен статус во македонските андерграунд кругови, особено од моментот на почетокот на 1999 г., кога во бендот се вклучува виолинистот Ермаљ Шкупи. Првото позначајно претставување на новиот прогресивен звук препознатлив по виолината на Ермаљ, сè уште како демо-состав, се случува на концертот што е поддршка на кампањата на МЦМС „Цело е кога има сè“, одржан на 1.7.1999 г. Иако материјалите за деби-албумот бендот гo снима во текот на мај 1999 година во студиото „Моцарт“, објавувањето на неговото прво дискографско издание ќе се случи дури наредната, 2000 г., кога под закрилата на „Bagi Music“ ќе биде издаден албумот со истото име како и бендот, Blla Blla Blla... Прекрасниот дизајн е дело на Идриз Амети и на Димитар Петров, а реализацијата е на Ален Миланов. Песната што ќе го обележи овој материјал и подоцнежна кариера на групата е секако Babayaro.
            На албумот свири поставата што две години претходно комплетно ќе го редизајнира дотогашниот звук на бендот во еден прогресивен израз со доминантни виолински делници, звук што ќе стане препознатлив за неговата нова фаза. Новите членови, покрај Идриз и Ермаљ, се и ритам секцијата на Last Expedition, Влатко Јаневски и Димитар Петров. Некаде во овој период, како последен рецидитив од минатото, во Франција ќе биде објавено и заедничко EP со бендот No Name Nation. На овој винил ќе се најдат три песни во живо од настапот во Љубљана на фестивалот „Novi Rock“. По објавата на деби-албумот, ќе следуваат многубројни настапи во Македонија и надвор од неа, како самостојни така и фестивалски: „Аларм“ (2002 г., во Охрид), „Break-21“ (Љубљана, Словенија), „Caravan-festival“, „No Borders“, „Nights of Jazz“ (Тирана), „BBC Pace and Pop Festival“ (Тирана), „Crossing Bridges“, „Peja“ итн.
            Во 2002 г., ќе започне снимањето на вториот албум на групата, кое ќе се развлече во наредните три години, а кој ќе биде објавен од „Литиум Рекордс“ дури во 2005 година, насловен како Oversky Balkanishe Re-Form. Неговото концертно претставување пред публиката ќе биде на 7.5.2005 г., на групниот концерт на Градскиот плоштад, организиран по повод прославата 70 години од победата над фашизмот. Една од првите концертни презентации на албумот надвор од Македонија ќе биде во загрепскиот клуб „Aquarius“, на 7.12.2005 г., на заедничкиот концерт со Кирил Џајковски.
            На овој албум, кој генерално е плод на заедничка работа на целиот бенд, за првпат ќе имаат и гости, албанската поетеса Мимоза Ахмети во песната E lash pas tokën. На снимањето на албумот како полноправен член на бендот учествува и Дејан Еврушоски а како соработници се јавуваат и Љупчо Ангелов-Љупа на акустична гитара и Ермаљ Шкупи на виолина. Интересно е дека на најголем дел од песните автор на музиката е Влатко Јаневски, а кај текстовите е впишано и името на Диме. Wolf & Dogs од претходниот албум ќе добие своја психоделична верзија, но како концертен фаворит од овој албум сепак ќе се издвои Lugat. Албумот ќе биде промовиран на 12.12.2005 г., во клубот „Castro“. Како дел од промотивниот пакет на Литиум, Blla Blla Blla ќе биде поканет да биде дел од фестивалот „Таксират 8“, на 2.12.2006 г., на иста сцена со Iggy & The Stooges, Тимо Мас, Van Gogh и други.
            Снимањето на третиот албум ќе се развлече уште повеќе од претходните два, и ќе биде готов дури во 2011 г. Во меѓувреме покрај пробите, концертите и подготовката на новиот материјал, ќе бидат објавени два видеоспота за синглаовите Kujt i bije и E keqja keq më la. Конечно, на 25.3.2011 г., во клубот „Хавана“ во Скопје ќе биде промовиран третиот албум на групата, со назив Lamtumire, како издание на дискографската куќа „Password production“. Овој материјал, ќе биде снимен во постава што ги вклучува и Благојче Пенов (String Forces) на тапани, Никола Бочваров (екс Калап) на бас и Кренар Исмаили на виолина. Во 2014 година, Идриз ќе биде гостин на снимањето на албумот на ХаХаХа,  Сами Мажи И Жени, и заедно со Васко Атанасоски ќе ја отпее Сакам дома да живеам. Следната, 2015 г., групата ќе ја дочека во нова постава и во подготовка на нов албум. Покрај Идриз и Кренар, сега во бендот се Арсим Илјази на бас и Егзон Лека на тапани. Оваа постава концертно ќе дебитира на 19.7.2015 г., на „Д Фестивал“ во Дојран.
            Blla Blla Blla… кај публиката во регионот ужива статус на култен бенд, кој не конкурира со популарноста и не прави компромиси со својата уметност, па честопати на своите настапи демонстрира сериозен општествен ангажман. Последен пат тоа ќе се случи во декември 2015 г., со концертот на кој собира средства за помош за мигрантите од  Блискиот Исток и од Северна Африка. Blla Blla Blla… учествува и во многу граѓански иницијативи, проекти и концерти посветени на мирот и на соживотот, како и на правата на лицата со посебни потреби.
                      Работејќи еден подолг период на нов материјал, кон крајот на март 2016 г., бендот ќе го сними и ќе го пушти во етер својот прв сингл Komandant Skita, кој ќе послужи како најава за претстојниот албум. Уште шест други теми што ќе се најдат на албумот со име Brum Për Medioferr, бендот ќе ги доработува десетина месеци, во комоцијата на домашното студио „Blla Blla Blla“. Една од овие теми, Dua në shtëpi të jetoj ќе биде верзија на „хитот“ на ХаХаХа, (Сакам дома да живеам), на кој и во оригиналната верзија пее Идриз Амети. За првпат на еден албум на Blla Blla Blla е поместена преработка. На 29 мај таа година, групата е гостин во музичкото радио „Канал 103“, со настап во живо во емисијата „Ако никој не свири“. Во јуни 2017 г., „Password production“ ќе го објави новиот албум на Blla Blla Blla…, на винил, a дури шест месеци подоцна, на 2 и на 3 ноември, ќе бидат одработени два последователни промотивни концерти во киното „Фросина“ во МКЦ, по што ќе следува и една промотивна турнеја низ Македонија, Албанија и низ Косово. Во август, неколку месеци пред концертот, агилната промотерска куќа „Балкан Велики“ ќе објави ремикс-верзии направени од Дени Крстев и од Васко Атанасоски на две песни од овој албум, Më puth и Kе kujdes.
            Blla Blla Blla е единствената група која може да го изрази општиот дух на Албанците и на Балканот - колективната глупост, лудилото на промените, заробената моќ на лидерите, тешки страдања, вечна војна меѓу контрастите и славењето на недостижното се изразуваат на многу посебен начин во музиката на Blla Blla Blla. Не би било премногу да се каже дека овој е најспецијалниот и најдобриот албански музички бенд. Нивните три албуми: Blla Blla Blla… 2000 г., Oversky Balkan Re-form 2005 г., и Lamtumirë, 2011 г., се албуми каде што сите песни се одлични креации. Извонредно е  како тие биле во можност да се одржат на толку високо уметничко ниво со сето она што го напишале. Нивната музика е прекрасна токму поради тоа што јасно ја изразува борбата помеѓу звукот и зборот.
            Меѓу примерите на ангажирани текстови (од социјален-политички аспект) во кои може да се увиди и политичкото лудило  јасно се отсликува во песната Komandant Skita. Голем дел од песната, од лингвистички аспект, е повторување на овие три збора: "Али, Сали, Брус Ли". Зборовите се оставени во тајност како да не е познато за кого се зборува - додека за човек што ја познава албанската реалност и албанската и регионалната политика, тој многу добро разбира за кого се зборува. И ова е направено намерно, бидејќи подоцна песната продолжува: "Знам кој си", па дури и ако не се појавуваат целосни имиња, сите разбирааткои се референците. Лидерите се кријат зад медиумите, и мислат дека луѓето не разбираат која е вистината. Но, вистината е дека лидерите не знаат кој е обичниот народ. Значи, песната продолжува: "Знам кој си ... но не знаеш кој сум јас".
            Постојат многу песни кои може да се земат како примери на глупоста што се појавува преку јазикот; Една од нив е една од најпопуларните песни на Blla Blla Blla… наречена Babayaro и е дел од албумот Blla Blla Blla…. Песната започнува со прекрасен вовед кој ги спојува звуците на виолината со моќниот бас и батерија; јазикот се вклучува само после првата минута со еден повик што постојано се повторува: ore babajaro ku ji e o”. Првото чувство што го дава ова песна е дека тоа што не се разбира во кој јазик е, дури и кога подоцна ќе мислиш дека си разбрал еден збор, пак грешиш, зошто не може да се разбере текстот како едена целина. Други примери во други песни се: повторување на во   “huma humamaj” во песната Wolf and Dogs или песната Sha lla lla од албумот Lamtumirë, каде што голем дел од песната е само повторување на истата фраза “Sha lla lla”.
            Прашањата што се појавуваат природно се: што се овие бесмислени повици? Дали се дел од јазикот? И ако тие се дел од јазикот, на кој јазик се тие? За да одговориме на овие прашања треба да направиме фундаментална разлика: поезијата е развој на јазикот, музиката е рушењето на јазикот. Поезијата го збогатува јазикот: јазикот што го зборуваме е дар на поетите. За да пишуваш поезија треба да си вљубен во јазикот - и кога таа љубов ќе трае, нормално дека ќе постои и едно дете. Музиката е во  спротивност со поезијата: бидејќо музиката го уништува јазикот, ќе го направи роб на мелодијата.
            Blla Blla Blla…, без никаква причина на јазикот, го покажуват тоа дека јазикот не е никаква причина во музиката, и токму за оваа за нив важи зборот “или правиш добра песна или не, јазикот не е причина“. Ова се конфирмираше и со голем број на луѓе, публика од сите генерации и националитети присутни во нивните концерти, особено на последните два големи концерти во ноември 2017 г.

Коментари за последниот концерт одржан во 2-3.11.2017 г., во кино „Фросина“ во МКЦ
            Бехар Весели (професор во ДМБУЦ „Илија Николовки Луј“):
            Идриз и Кренар (воедно вториот и мој најдобар животен другар) беа добро запознаени и редовни посетители на сите концерти кои јас ги спремав било тоа да беше со хорот на ДМБУЦ „Илија Николовски - Луј“ - (хорот на албанските паралелки) или со хорот на авторскиот проект „Симбиоза“ кој јас го реалзирав со мојот пријател-колега, композиторот Дамјан Темков. Од мене беше побарано да креирам камерен хор кој ќе настапи заедно со бендот на промотивните два концерти на нивниот најнов албум Brum për mediofer. Улогата на хорот беше да донесе нови вокални можности и бои во интерпретацијата на песните, но истовремено тоа постигнувајки го од секундарна или терцијална позиција на сцена, така да бендот би го имал цело време „главниот збор“ и во ниеден миг не би била нарушена нивната карактеристична интима во излагањето на музичките материјали. Мелодиските линии за хорот беа аранжирани од мене и Кренар со заедничка работа.
            „Со хорот беа оддржани самостојни проби, и уште 4 беа заендички со бендот и другите инструменталисти учесници во концертот. Како нивно прво искуство од ваков тип (а воедно и мое и на хористите), соработката беше на завидно ниво, во пријатна и позитивна атмосфера. Вложениот труд беше награден на двата концерти во кои публиката со долг аплауз го награди конзумираниот материјал, кој што со сите негови протагонисти зазвучи свежо енергично“.
            Шинаси Рамадан (студент, III-год., соло пеење, ФМУ-Скопје):
            „Тоа беше незаборавно искуство. Работата со нив беше едно од најзабавните искуства што ги имав и во исто време беше многу професионално направено. Секоја проба одеше непречено и ефективнo. На почетокот за мене нивната музика беше чудна бидејќи беше нешто ново за мене. Музиката беше мешавина од народна музика и рок музика која имаше јасна порака. И мислам дека тоа е причината зошто нивната музика е толку посебна што секој може да се поврзе со нивните "реалистични" песни. Го видов тоа на денот на концертот, сите пееја заедно со нас, тоа беше многу посебно искуство, бидејќи сета тешка работа што ја вложивме во овој проект се одвиваше непречено во секој детаљ. Беше вистинско задоволство да бидам дел од еден од нивните последни концерти, и се надевам дека ќе продолжат да ја прават својата неверојатна уметност“.
Дискографија:
Blla Blla Blla / CD / Bagi Music, 1999
Underground Of Macedonia / Split (with No Name Nation) / 7”EP / Tian An Man ’89 (Франција), 2000
Oversky Balkanishe Re-Form / CD / Lithium Records, 2005
Lamtumirë/ CD / Password Production, 2011
Brum për Medioferr / LP / Password Production, 2017







Литература:
Филиповски, Тошо. 2018. Македонска РОК Енциклопедија (1963−2018) – прв том. Скопје: Corpus Delicti Records.
https://peizazhe.com/2016/06/22/mbi-marrezine-dhe-muziken-i/ (пристапено, на 12.4.2018)
Интервју со Бехар Весели, Скопје, 9.5.2018 г.
Интервју со Шинаси Рамадан, Скопје, 6.5.2018 г. 

Диме Поповски


Проектна задача за предметот:
Историја на македонската популарна музика

Студент: Викторија Додевска
Четврта година на студиската програма музичка теорија и педагогија – насока сонологија со мултимедија

За идејата


Покрај обврските на Факултетот за музичка уметност, сакав да почнам и да работам, и така се одлучив тоа да го направам во Телевизија Плус во Куманово, која е локална телевизија и која постои веќе 3 години.
На почетокот бев на обуки, а по три недели почнав и со официјалната работа како презентер на вести. Меѓутоа уште од тогаш со уредниците разговаравме дека би требало да се започне со емитување на емисија во живо, која што би била од информативно-забавен карактер.
Со сериозни подготовки започнавме во текот на минатиот август, подготвивме концепт, сценарио, вид на музика која што би ја пуштале, како и обработка на податоци и информации кои исто така треба да бидат вклучени во програмата.
После три месеци подготовки и промени во сценарото, пробни снимања, се роди „Студио +”. Ама сепак требаше уште малку време додека да созрее целиот труд за да почнеме со емитувње овој март.
„Студио +е емисија која се емитува од понеделник до петок, од 12:00 часот до 13 часот и 30 минути. Тоа е период во кој телевизија гледаат децата кои се враќаат или се подготвуваат за на училиште или некои повозрасни луѓе.. Искрено речено, ниту јас не следев телевизија баш во тој период од денот.
Сценариото на емисијата го подготвував со многу ентуијазам затоа што сакав на гледачите да им ги пружам најсуштинските информации, со суптилна поврзаност со песните кои ги бирав со многу големо внимание.
Во една прилика, бидејќи понекогаш цела недела претходно почнувам со барање на информации, дојдов до фактот дека набргу се спрема одбележување на гидишнината од смртта на Ацо Шопов. Но, она што ми беше уште по мило е мислата што ми помина во главата дека јас веќе имам слушнато како една негова поезија е препеана. Се работи за песната Очи, ја пее Диме Поповски, а истата ја имав слушнато неколку дена пред тоа.
Бев воодушевена од гласот на Диме, од емоцијата која што ја доживеав од бојата на неговиот глас. А, тоа ме натера да преслушам уште неколку други песни кои тој ги пее.
Спојот на овие две работи ми дадоа уште повеќе елан за работа и за истражување на квалитетни информации и за конретната содржина која е актуелна да се каже во емисијата, но и за истражување на пејачите и песните за да можам да кажам некоја информација плус која, според мене, е духовно добро да се знае.

За истражувањето

Диме Поповски, како што е наведено погоре, го слушнав на Јутуб, по повод барање песни за во емисијата. Меѓутоа, нежноста и убоста која беше суштината на неговиот глас ме оставија без зборови. Следот на настаните и на обврските за на Факултет ме наведоа, поради споменатите причини, да посакам да истражам нешто повеќе за неговата личност.
Предметот - Историја на македонската популарна музика, многу ми помогна за целата оваа работа да биде завршена до крај, затоа што за Диме Поповски имавме учено покрај композиторите на популарната музика тука кај нас.
Тој се има истакнато на повеќе фестивали каде што има освоено награди. Но, тоа е се што има како податок за него, исто така, следуваше  помош на професорката Ј.Папазова и една интернет страна која им напишано нешто за него.
Избор на песните кои ги пее Диме Поповски:
Лени, Последен ден на разделба, Девојко љубов ми вети ти ( вокалната верзија е на Гарача) – овие песни се на Драган Ѓаконовси Шпато
 Штом те видам – е на Александар Џамбазов, оваа песна ја пее на „Опатија“ во 1966 година
О галеби бели – Џамбазов, Опатија 1973
Срамежливи – Џамбазов, промовирана на првиот „Скопски фестивал“ 1968, дует со Виолета Томовска
Дојди – Џамбазов, „Опатија“ 1967, дует со Виолета Томовска, 3-та награда

            Во прилог следува текстот кој е објавен на страната daily.mk кој е посветен на Диме Поповски.
„ДИМЕ ПОПОВСКИ – најдобриот македонски машки глас на 20-иот век!“
Диме Поповски е еден од пејачите кои со својот глас остави силен, неповторлив печат во македонската забавна музика во 60-ти те и 70-тите години на минатиот век. Според многумина, тој е несомнено најдобриот машки глас на македонската забавна музика во 20-иот век. Незаборавни се неговите Лени, Ноќеска шумеа брезите, Планино, моја рудино, Девојко, Мојот дом, Убавино, насмевни се и секако македонскиот бисер Запеј ми, Славче. Нема поширок пристап на податоци од неговата биографија, освен дека неколку децении работеше како режисер на документарни филмови во МТВ. Како илустрација ви го нудиме видеото со еден од ретките зачувани видеозаписи

на Диме Поповски снимено 1984 година на Охридското езеро, со изведбата на неговиот евергрин Последен ден на разделбата. Песната е компонирана од легендарниот Драган Ѓаконовски – Шпато, на текст на Благоја Стефановски, која Диме Поповски во 1970 година оригинално ќе ја изведе на „Скопскиот фестивал 1970“ и со неа ќе ја освои Првата награда на стручното жири.” – текстот е напишан на 12 мај 2015 година.

            Покрај овие информации, не можев да најдам нешто повеќе за него, па така во консултација со професорката, добив контакт од маестро Александар Џамбазов. Од разговорот со него можев да слушнам и доживеам една слика, емоција и култура на едно одминато време, како и печатот што целокупното општество го имало баш поради културниот ек. Сепак, ниту тој немаше информација плус, од она малку што успеав да слушнам и најдам за него.

Песните кои оставија впечаток на мене се Очи, Убавино насмевни се и Планино моја рудино.

Очи – Ацо Шопов

Три дена на раце те носевме збрана
Со тага и болка во погледот срцен
И секоја капка на твојата рана
Ко крвава жар ни капеше в срце

Другарите беа и морни и гладни
Со згорени грла и свиени плеќи
Со тап бол се впија во очите ладни
И жалеа оти не ќе пламнат веќе

Но јас знаев оти пак ќе вивнат в жарој
И борците под нив ќе цветаат и раснат

В студените утра ќе греат ко сонце
И никога нема да стијнат и згаснат

Последната вечер в планинското село
Кај борците беа со дрипава дреа
Со пликови жешки на стапалки тешки
И смрштени чела – сгасени, мразни
Ко нивните пушки укочени, празни
И нечујно, глувно, со здушена раја
Се точеше шепот од уво до уво:
Утре, друже, в зори, страшен бој не чека
А ние сме малку – сал неколку души..

И кога со игла ти прободе уши –
Ти растресе снага и размолкска тага
Со лунјени очи широки и волни
Ги расече в ноќта здивените молнји!

Ко тогаш, ко тогаш, о другарко, помниш –
В смрзнатата вечер на пролетта рана
Кај нашата младост и првата радост
Ја косеше луто куршумната слана
А ти чело збрчка ко тигрица рипна
И летна во ноќта крвава и црна
Со своите очи што ригаа пламен
Ги растопи часкум челичните зрна

И псоле, и после – в последната вечер

Јас нејќам да мислам што потаму стана
Сал помнам те изли крвавата рана
Прошталниот шепот ти замрзна в усни

А утрината кога зрив чела ни спраши
Ти не беше веќе в редовите наши
Но скипеа борци со одмазда жолчна
И видов, о видов – кога бојот почна
Развихреа сите со твојата сила
Ко елени брзи и лесни ко птица

А твоите оли се искреа гневно
Во нивните потни, распалени лица

Текстот е адаптиран за песната, а музиката е на Славе Димитров. Напишана е во 1974 година.


Убавино насмевни се

Убавино насмевни се, како ден
Убавино насмевни се, како цвет

Ко фреска ќе те чувам
Ко галеб ќе се нурнам в твојот бран
Убавино насмевни се, јас сум твој

До ѕвезди ќе те љубам од радост дур не пукне душава

Убавино насмевни се, јас сум твој
Со тивка песна и силна љубов
Те чекам на брегот, Стефанија
Љуби ме нежно, бакни ме нежно
И смири го бранот, Стефанија

Погледни ме, Стефанија
Погледни ме, залуди ме

Убавино насмевни се, биди сон
Убавино насмевни се, биди брег
Езереоно по тебе, да фрла силни бранови - пенливи

Убавино насмевни се, смири ме
Зајдисонце ќе сотрам за небото да гори и изгори
Убавино насмевни се, јас сум твој

Со тивка песна и силна љубов
Те чекам на брегот, Стефанија
Љуби ме нежно, бакни ме нежно
И смири го бранот, Стефанија

Погледни ме, Стефанија
Погледни ме, залуди ме

Убавино насмевни се, како ден
Убавино насмевни се, биди сон
Биди сон

Планино, моја рудино – феноменален спој на Коџабашија, Шпато и Диме
Текстот за ова евергрин дело на македонската забавна музика е Ѓоко Георгиев, а музиката е на Јане Коџабашија. Оваа песна на Јане Коџабашија освои две награди на „Скопскиот фестивал“ во 1968 година – втора награда од публиката и награда за текст. На фестивалот оваа песна во два различни аранжмани ја исполнија Виолета Томовска и Диме Поповски . Врвот на популарноста песната го стекна со изведбата на Поповски, во аранжман на Драган Ѓаконовски-Шпато, две години после премиерната изведба во Скопје.” – оваа статија исто така ја најдов на страната daily.mk. Објавено е на 12 февруари 2015 година

Планино моја рудино

Под пазуви свои те чувам
Ко сказна си ти за нас
Те дишам јас и те љубам
Низ развигор слушам твој глас

Планино моја рудино
Бакнеж до небо високо
За што раскажуваш ти
Стадата да заблејале, овчари да запејале
Или пак, тагуваш ти

Над мене стоиш ко судба
Од луда чуваш мој стих
За сиот живот мој дружба
До задни стегнати дни

Планино моја рудино
Бакнеж до небо високо
За што раскажуваш ти

Стадата да заблејале, овчари да запејале
Или пак, тагуваш ти

Над мене стоиш ко судба
Од луда чуваш мој стих
За сиот живот мој дружба
До задни стегнати дни

Планино моја рудино
Бакнеж до небо високо
За што раскажуваш ти
Стадата да заблејале, овчари да запејале
Или пак, тагуваш ти

Ме стивна таа твоја љубов
Најтрепетна песна си ти



Литература:

„ДИМЕ ПОПОВСКИ – најдобриот македонски машки глас на 20-иот век!“. Во: www.daily.mk, 12.5.2015 (пристапено април/мај 2018 г.)
Интервју со маестро Александар Џамбазов, април, 2018 г.
„Планино, моја рудино – феноменален спој на Коџабашија, Шпато и Диме“. Во: www.daily.mk, 12.2.2015 (пристапено април/мај 2018 г.)