Friday, July 6, 2018

ДРАГАН ЃАКОНОВСКИ - ШПАТО


СЕМИНАРСКА РАБОТА
    ПО ПРЕДМЕТОТ
        ИСТОРИЈА НА  МАКЕДОНСКАТА ПОПУЛАРНА МУЗИКА

          TEMA: ДРАГАН ЃАКОНОВСКИ ШПАТО


          Кандидат:                                                                                   Ментор:
                                  Ендра Адеми                                                           проф.Јулијана Папазова                                                                                         
            Скопје, мај, 2018


ДРАГАН  ЃАКОНОВСКИ  ШПАТО

    (1931−1987)


ВОВЕД    
          По завршувањето на Втората светска војна и со создавање на новата слободна држава СФРЈ, се започна со градење на целокупниот политички-општествен живот, каде што важно место завзема и современата македонска музичка култура предводена од Стефан Гајдов, Живко Фирфов,Тодор Скаловски, Трајко Прокопиев и Петре Богданов-Кочко. Овие личности заедно со неколкумина свои истомисленици ја започнаа својата нова револуција, борбата за обнова на нашиот музички живот, за воспоставување на нарушениот историски континуитет и за создавање кадровски, институционални и други услови што ќе овозможат младата музичка култура рамнопрвно да се соочи со највисоките достоинства од светската музичка историја.
       Како резултат на прогресивните идеи и на неизмерниот  творечки ентузијазам се основаа Симфонискиот оркестар на Радио Скопје, потоа Операта, Македонската филхармонија, Музичкото училиште, Институтот за фолклор и други институции што требаше соодветно да одговараат на нараснатите културни и уметнички потреби што ги наметнуваше новата општествена реалност. Во оваа специфична духовна клима, во екот на стопанскиот и културниот подем на младата држава се наметна потребата за што поскоро обединување на творечките потенцијали како неопходен услов за натамошен растеж на македонската музика.
       Историскиот чин на  творечкото обединување на македонските музички дејци се случи на 19.1.1947 година. Тој ден во просториите на Радио Скопје се одржа основачко собрание на „Друштвото на продуктивни и репродуктивни музичари на Македонија“.
     Собранието го отвори тогаш најстариот македонски музичар Васил Ѓаконовски-Шпато. Беше избрана управата на Друштвото во следниот состав:
Петре Богданов Кочко - претседател
Тодор Скалоски - потпредседател
Славко Костовски - секретар
Васил Ќортошев - касиер
Живко Форфоф - член
Васил Ѓаконовски-Шпато - член
Александар Шалевски - член
       За прв пат во својата историја македонските музичари  ги обединија своите сили и креативни потенцијали и ги ставија во служба  на организирано издигнување и развивање  на македонската музичка култура. Задачите што се поставуваа пред членовите на оваа асоцијација беа многуслојни и сложени и токму затоа активностите требаше да се насочат кон неколку основни постулати:
-         да се сочува народната  музика како наше најголемо музичко богатство,
-         да се отвори музиколошка институција што ќе помогне при собирање и обработка на фолклорните музички материјали,
-         да се постави хорска музика врз правилни основи,
-         да се превземат мерки музичките школи да бидат жариште на воспитни идеи и расадник на млади музички кадри,
-         композиторското творештво да добие таква форма и содржина со која најдобро ќе одговори на стремежите и потребите на народот.

Реализацијата на овие иницијативи заради редица објективни причини траеше во наредните десетина години.
          Педесеттите години се мошне значајни во работата на Здружението, а почетокот на шеесеттите години донесе една своевидна експлозија  на македонското музичко творештво. Третата генерација на мекедонски композитори, што го завршуваше или веќе го заврши своето школување донесе еден многу поиздиференциран и попрофесионален пристап кон самиот творечки чин со што дојде до значителна модификација на стилско-естетска позиција на македонската музика.
         Презентацијата на македонското музичко творештво на еден по организиран начин станува особено актуелен кон крајот на шеесеттите и почетокот на седудесеттите години. Соодветно на постојаното збогатување на опусот на македонските композитори со дела од сите жанрови и на растежот на нашата издавачка уметност се јавуваат првите размисли за основање на манифестација која всушност би била смотра на македонската музичка продукција и репродукција.
       Во текот на седумдесеттите години се основаа неколку важни манифестации како што се: ,,Денови на македонската камерна музика“ и ,,Струшка музичка есен“ и ,,Денови на македонската музика“.
       
БИОГРАФИЈА ЗА ДРАГАН ЃАКОНОВСКИ-ШПАТО

 Еден од најистакнатите македонски композитори уште од периодот на педесеттите години е композиторот Драган Ѓаконовски-Шпато.
       Роден е на 11.3.1931 година во Скопје, а почина во 1987 година. Расте  во музичко семејство (татко му Васил Ѓаконовски бил музички педагог и виолинист). Уште од најрано детство доаѓа во допир со музиката на која ќе и го посвети целиот свој живот.
       За годините на своето детство, со исклучок на настаните поврзани со музиката и музичките инструменти, Драган не запишал ништо во своите мемоари. Од некои извори се дознава дека основно образование учел во училиштето ,,Света Богородица“ кое се наоѓало во непосредна близина на истоимената црква. Првите неколку одделенија ги завршил во врмето на Кралството Југославија, а последните две години во времето на бугарската окупација.
 Музика, поточно виолина почнал да учи од својата шеста година. Подоцна почнал да учи хармоника. За први настапи на Драган Ѓаконовски пред публика може да се сметаат оние, кога со неговото  семејно трио свиреле за ранетите партизани во манастирот во селото Љубанци, на Скопска Црна Гора. Но, вистинскиот настап кој отишол и во етерот, е оној кога со својот татко Васил и братот Хари настапиле во живо во програма та на Радио Скопје набргу после ослободувањето на Скопје. По тој прв настап пред микрофонот на Радио Скопје, младиот Драган цврсто реши засекогаш да и се посвети на музиката.
      Средно музичко училиште учи во Скопје по што особен интерес пројавува за аранжирање и оркестрација и за кратко време станува еден од водечките аранжери во Југославија и основоположник на македонската забавна музика.
        Беше единствен по својата музичка способност да ги дешифрира тонските снимки, поточно она што го слушаше преку светските радио станици да ги преточи во нотни записи. Од музиката која ја слушаше и дешифрираше од етерот правеше совршени аранжмани за скромни музички ансамбли. Така тој  ги приспособуваше изведбите според можностите кои во  тој миг беа во македонската забавна или џез музика.
        Во 1946 г., Драган почнал да организира мали состави во кои свири хармоника, а воедно прави и аранжмани на најпознатите светски евергрини. Истата година се запиша и во Средното музичко училиште во Скопје, теоретски оддел. Еден од професорите  му бил и Стефан Гајдов.
       Драган Ѓаконовски смета дека со формирањето на Симфонискиот оркестар и Скопската опера, традиција на сериозната музика во Македонија, преку татко му Васил, Скаловски, Кочко, Прокопиев, Гајдов, и други, веќе била започната и таа имала сигурна иднина.
        За прва композиција на Драган Ѓаконовски-Шпато се смета На игранка. Компонирана е во стилот на блуз дванаестерец, а му ја посветил на трубачот Димо Крап (Димитар Маневски), а истата на „Скопскиот џез фестивал“ во 1983 г., е прогласена за прва македонска џез-композиција.
        Шпато бил познат по својата строгост кон она што го создава и во аранжирањето и во компонирањето. Тој создавал по 3-4 композиции годишно. Има изјавено дека многу ги проверува своите композиции, во смисла дали создал убава мелодиска-хармонска целина, потоа дали има музичка логика и естетика и дали има добра форма.
       Својата втора композиција ја создал во летото 1948 година со наслов Дојди есен. Преку песната се надевал  да заврне, бидејќи тоа лето било многу топло.
       Како голем љубител на јужноамериканската музика, есента 1948 г., компонирал една ритмична, но меланхолична  инструментална композиција со наслов Гарача која му ја посветил на неговиот пријател, пијанистот Нино(Никола) Ципушев, кој со својот ансамбл ќе ја сними дури во 1957 година.
        По расформирањето на ансамблот Саџо, Шпато се враќа пак во Францускиот клуб и со ансамблот на неговиот брат Хари вежбаат светски евергрини, а изведуваат и по некоја негова композиција. Тогаш ја напишал неговата Егзотика која му ја посветил на неговиот нов пријател и многу талентиран трубач, Благоја Чешларов. Егзотика подоцна исто така ќе добие и вокална верзија и нов наслов Далечен крај (1957). Ја испеа една од најголемите македонски вокални интерпретаторки, Нина Спирова, која Шпато ќе ја нарече македонска Ела Фицџералд. Композицијата  Далечен крај Ѓаконовски неколкупати ќе ја преработува за различни состави и вокални изведби.
         Ѓаконовски е многу внимателен и темелен во процесот на создавањето на нова композиција.
         Во почеток на 1952 г., Драган Ѓаконовски ја создава и композицијата Осаменост која подоцна е под наслов Молчи една долина, посветена на Блага Петрова-Видец, извонреден алт во Скопската опера. Таа година Шпато ја запознава и Нина Спирова.  Таа е Шпатовата најголема музичка љубов, само музичка, вели Шпато. За неа Шпато создал една нежна но доста сложена композиција со наслов Идила. Тогаш единствено таа можела да ја испее бидејќи учела соло пеење во Средното музичко училиште во Скопје.
       Во 1956 г., како завршница на концертната сезона во Скопје, ќе се случи голем и многу значаен концерт, не само за Драган Ѓаконовски-Шпато, туку и за понатамошниот развој на џезот и збавната музика во Македонија. Во организација на забавната редакција на Радио Скопје и Скопската филхармонија а под наслов,,Концерт на современата забавна музика“, по прв пат во својата кариера Шпато имал можност да аранжира за Голем ревиски оркестар и да диригира со него. Шпато за тој концерт одбрал џез, забавни оркестарски и вокални композициии од Ксавиер Кугат, Џорџ Гершвин, Мичел Емер, Бланк, Ерик Коутц и Полак.
       Во 1957 г., Шпато ќе го постигне својот најголем успех дотогаш, што ќе му донесе афирмација и надвор од Македонија, со песната на Димитар Масевски, стихови на Ѓоко Георгиев и аранжман на Драган Ѓаконовски-Шпато за песната Последна солза.
Исто така успешните песните од познатиот италијански фестивал ,,Сан Ремо“ од крајот на педесеттите па до крајот на шеесеттите години од минатиот век, Шпато ги мелографира и преаранжира.
        Во 1961 г., во Радио Скопје донесуваат одлука, забавниот ансамбл да прерасне во биг-бенд оркестар. Официјалното име е Танцов оркестар на Радио Скопје. За татко на тој оркестар се смета токму Шпато, без кого постоењето на таква оркестарска формација не можело да се замисли.
        Со почетокот на работата на Танцовиот оркестар, под диригенство на Ѓаконовски, постепено се јавуваат нови инструменталисти, се зголемува бројот на вокални интерпретатори, се јавуваат и нови автори на забавна музика. Но, се уште има потреба и интерес за странски хитови и евенгрин мелодии испеани на македонски јазик.
        Во почетокот на шеесеттите години започнува многу плодна и долга соработка меѓу Александар Џамбазов како композитор и Шпато, како аранжер, со заеднички учества на Скопскиот, Опатискиот и други фестивали во Југославија како и на програмата на Радио Скопје.
        Професионалната кариера на Шпато, во целина се одвива на нагорна линија, со пообемно творештво, особено во аранжирањето. Раздвиженоста во македонската забавна музика е се поголема. Сонот на Драган Ѓаконовски-Шпато за создавање на традиција на џез и евергрин забавна музика во Македонија, полека се остварува. Но, таа нагорна линија во неговата кариера, како и во македонската музика во целина, ќе ја забават двете природни катастрофи што ќе го погодат Скопје. Најпрвин во 1962 г., поплавата во Скопје и нанесе штета на фонотеката на Радио Скопје во кое се наоѓало целокупното снимено македонско музичко творештво и репродукција, и следната 1963 г., се случи земјотресот, кој однесе многу човечки животи, а со тоа се одрази и на развојниот пат на музиката, како и целокупниот живот во Македонија.
      Драган Ѓаконовски-Шпато, во своите кратки мемоари напишани три години пред својата смрт, се задржува на едно место во своите размислувања, за некои појави односи во музиката, како и за личните критериуми во создавањето на сопственото творештво.
       Тој е дециден во ставот дека ,,архитектурата е на архитектите, медицината е на медицинарите, поезијата е на поетите, сликартството е за оние што го разбираат, музиката исто така“. Шпато говори дека секогаш се трудел да создава музика. Тој жали што Македонија нема своја дискографска куќа, а ги снабдува другите куќи во Југославија. Понатаму Шпато е разочаран што ни недостасува организираност, односно според него треба да се негува организација.
         Тој има напишано музика и за на театар по добиена понуда од тогашниот млад режисер Владимир Милчин за претставата по текстот на Пабло Неруда ,,Славата и смртта на Хоаким  Муриета“. По завршување на претставата следат одлични критики, вклучително и за музиката на Шпато.
         Во 1986 г., во последната година од својот живот, Драган Ѓаконовски ја пишува својата најнежна и најдолга инструментална композиција во животот под наслов Марија, и ја посветува на својата сопруга со која ги поминува најубавите, најспокојни, најплодни и најсреќни лични или семејни години од својот живот.
         Шпато е добитник на повеќе награди и признанија за неговите композиции и аранжмани на бројните македонски и југословенски фестивали на забавна музика.
         Во неговото творештво спаѓаат и следните дела: Далечен крај, Идила, Ехо од далечното минато, Балада, Во спомен на старото пријателство, Блузот на црната пејачка, Исповест на црномурестата жена, Лајт мотив I, Лајт мотив II, Лајт мотив III, Рег тајм, Балада за Бранка, Мими и дргуги.
         Забавни мелодии кои се дел од неговото творештво: Лени, Ми вети ти, Глас од далечината, Зар се поминало, Последен ден на разделбата, Копнеш за танц, Молчи една долина, Носталгија, Незаборав, и други.
        Има напишано околу 5000 аранжмани на композиции за мали состави, биг-бенд оркестри, гудачки анасамбл и симфониски оркестар.
        Драган Ѓаконовски-Шпато со своето творештво, дејност остави силен белег во македонската музика  - џез и забавна. Можеме слободно да кажеме дека е пионер на овие два жанра во Македонија и пошироко односно на територијата на поранешна Југославија.


МУЗИЧКА АНАЛИЗА

ПОСЛЕДЕН ДЕН НА РАЗДЕЛБАТА

      Музиката на оваа песна е на Драган Ѓаконовски-Шпато, а текстот на Благој Стефановски. Песната е со тажен  текст и со лиричен карактер. Во песната се опејува разделбата со љубовта на многу тажен и носталгичен начин. Се спомнува последниот ден на разделбата на една љубов која заминува како тажен звон, како лош кобен и злобен сон. Се отсликува светот по разделбата како овенат цвет, студен и сокриен, но исто така дава надеж за враќање на љубовта за да му подари стари сни.
       Песната е во 3/4, во дурски тоналитет - Це-дур, и Беат ленто ритам. Првите 8 тактови се креирани како инструментална изведба (вовед).  Формата на оваа песна е мала дводелна песна а б и кода (coda). Првиот дел (а) се состои од две мали реченици од по четири такта и една голема реченица од осум такта. Вториот дел (б) се состои  од една голема реченица од осум такта по што следува кода од четири такта кој е составен од материјалот на последните два такта на делот (б).  Оваа песна е испеана на Скопскиот фестивал.


ЖОЛТА ЛИПА

       Музиката на оваа песна е на Драган Ѓаконовски-Шпато, а текстот на Благој Стефановски. Тоналитетот на песната е во це-мол во алабреве такт. Таа е љубовна песна во која љубовта се осликува преку липата опишана како нежно дрво чии нејзини нежни листови ги носи есенскиот дожд и ветер, а која стои како тажна душа, и бара „бакнеж нечиј врел“.
      Песната е во slow a duine ритам, а формата на песната е  а a б a и кода.
      Првиот дел (а) е составен од  две реченици од по четири такта кои се повторуваат со прима волта и секонда волта. Вториот дел (б) е составен од друг материал и е голема реченица која е поврзана со надворешно проширување на реченицата и поврзано со кода. Оваа песна е изведена на Скопскиот фестивал.
  
 ________________________________________________________________________

     
Литература:


Димитров, Ванчо. 2010. Драган Ѓаконовски-Шпато. Музичка легенда, Скопје: Музички издавачки центар-МИЦ.
Коловски, Марко. 1993. Македонски композитори и музиколози. Скопје: СОКОМ.
„Песнарки“ од Скопски фестивал.

1 comment:

  1. Дали сакате да поседувате сопствен бизнис? или поседувате куќа по ваш избор?
    Педро Џером за заем нуди стапка од 2% со флексибилна отплата на заемот за да одговара на поединечни и заеми на меѓународно ниво. помогнете да контактирате со pedroloanss@gmail.com или whatsapp неговиот број на +18632310632. Ви посакувам среќа.

    ReplyDelete